Десет квадратни метри во Скопје или плац од 600 квадрати во Берово за истата цена? Вакви дилеми ги мачат мнозинството граѓани кои решиле да купат градежно земјиште каде било низ земјава имајќи ги предвид големите разлики во цените. Плацови за градба во градовите во внатрешноста се продаваат од четири до 50 евра за квадратен метар, а нивната цена во поатрактивните населби во метрополата е и за 60 пати повисока. Разликите во цените се најизразени доколку се споредуваат со Скопје каде што квадратот е најскап. Но цена држат и земјиштата во неколку поголеми градови низ државата, како што се Битола, Охрид, Струмица. Интересно е што во строгиот центар на поголемите градови речиси и да нема слободен неизграден плац. На таквите места заинтересираните инвеститори купуваат веќе изградени објекти, кои ги уриваат, па на нивно место градат нови.
Десет квадратни метри во Скопје или плац од 600 квадрати во Берово за истата цена? Вакви дилеми ги мачат мнозинството граѓани кои решиле да купат градежно земјиште каде било низ земјава имајќи ги предвид големите разлики во цените.
Истражувањето на „Дневник“ покажа дека плацови за градба во градовите во внатрешноста се продаваат од четири до 50 евра за квадратен метар, а нивната цена во поатрактивните населби во метрополата е и за 60 пати повисока. Разликите во цените се најизразени доколку се споредуваат со Скопје каде што квадратот е најскап. Но цена држат и земјиштата во неколку поголеми градови низ државата, како што се Битола, Охрид, Струмица. Интересно е што во строгиот центар на поголемите градови речиси и да нема слободен неизграден плац. На таквите места заинтересираните инвеститори купуваат веќе изградени објекти, кои ги уриваат, па на нивно место градат нови.
Астрономски цени во Скопје и во Охрид
Од скопските агенции за недвижности објаснуваат дека цената на земјиштето зависи од маркичката на плацот, неговата местоположба, инфраструктура, околината. Поради сите овие фактори, понекогаш се случува два плаца, кои се еден до друг, да се продаваат по многу различни цени. Агентите за недвижности велат дека во центарот на метрополата во моментов нема слободни неизградени плацови во приватна сопственост. С` уште може да се најде по некое слободно земјиште во населбите кои се релативно блиску до центарот, а цените таму се движат од 200 до 250 евра за квадратен метар. Во поатрактивните населби, кои се подалеку од центарот, цените почнуваат од 40 евра во Сопиште или од 70 евра, па нагоре во Бардовци. Во подалечните населби и во приградските делови, цените се движат од 20 до 40 евра.
- Во еден период кога Злокуќани беше многу атрактивна локација, тамошните плацовите се продаваа и за 250 евра за квадратен метар. За Центар секогаш има интерес, а сега многу се барани земјишта на Водно, во Бардовци и во Лисиче - велат во агенциите за недвижности од Скопје.
Слично на метрополата, и во охридското централно подрачје нема ниту една слободна атрактивна градежна парцела. Од агенциите за недвижности велат дека во моментов најчесто се нудат слободни парцели во приградските средини, во населбата Видобишта, кај болничкиот комплекс, во Чекоштина и во делот на населбата Рача. Цената просечно се движи од 20 до 100 евра за квадратен метар.
Градежните парцели се прилично поскапи во крајбрежјето на Охридското Езеро каде што локациите се нудат од 200 до 400 евра за квадрат. Но, според агенциите, и тука има недостиг од слободни земјишта. Друг проблем, според нив, е што многу од слободните плацови покрај езерото се во зони за кои не се изработени урбанистички планови, немаат изградена инфраструктура или се со нерешени имотно-правни односи. Агентите нагласуваат дека досега неколку пати домашни или странски инвеститори им барале атрактивна локација на крајбрежјето или во градот, но агенцијата не можела да најде ниту еден.
Од Секторот за урбанизам во Општина Охрид се согласуваат дека во центарот е вистинска реткост да се најде слободна парцела за градење.
- Речиси сите дозволи за градење што ги издаваме во последните неколку години се однесуваат на локации на кои и претходно имало објекти. Не се впишуваат нови маркици за објекти, туку се гради на постојаните локациски услови – вели Бранко Аранаудов, раководител на Секторот за урбанизам при Општина Охрид.
Плац на Беровско Езеро - 20 евра за квадрат
Со таква ситуација се соочува и Битола. Во последните години градежните фирми купуваат стари куќи, ги туркаат до темел и на тој начин обезбедуваат парцели за градба на станбени или деловни објекти. Kолку повеќе недостига површина за градба во центарот, толку цените на земјиштето растат. Тука квадратен метар неизградено земјиште чини десет пати поскапо отколку на периферијата од градот.
- Kвадратен метар во центарот на Битола чини од 150 до 200 евра, но цената варира во зависност од местоположбата. Тоа најчесто се парцели обезбедени со туркање стари објекти. За споредба, во подалечните населби како Брусничка, каде што има слободни парцели, цената на квадратот е 30 евра, во Стрчин 50 евра - велат од агенцијата за недвижности „Стрелец“ од Битола.
Во последно време атрактивни за градба се и локациите крај патот кој води од Битола за Пелистер. Тука некогашните земјоделски ниви се продаваат за изградба на угостителски објекти по цена од околу 20 евра за квадрат, колку и во другите периферни делови од градот. Една од најнеатрактивните локации за продажба во Битола е земјиштето на патот кон грчката граница. Таму одвај и се продава по некоја приватна нива по дваесетина евра за квадратен метар зашто во близина е индустриската зона „Жабени“ каде што државата земјиштето го продава по едно евро.
Големата разлика во цените на градежното земјиште е поизразена доколку Скопје се спореди со градовите во источна Македонија. На пример, земјиште за плац во Берово чини од пет до седум евра за квадрат, а комуналиите се 1.220 денари за станбен и 1.550 за деловен простор. Локалната самоуправа ги ослободува од комуналии инвеститорите што градат производни или туристички капацитети.
Цените на станбениот простор во Берово подолг период се на исто ниво. Но поради туристичкиот подем на Малешевијата во последните години, расте цената на земјиштето за изградба на викендички. Во трите беровски туристички населби – Суви Лаки, Абланица и Беровско Езеро - веќе има околу 800 викендички.
- Во Суви Лаки околу 90 отсто од земјиштето е државно и државата, односно сега општината, го продава по утврдената цена од 200 денари за квадрат. Во двата други туристички комплекса земјиштето е претежно приватно. Главно, во Абланица квадратен метар земјиште за изградба на викендичка се продава од 200 до 250 денари, а најскапо е околу Беровското Езеро, каде што во зависност од локацијата сега квадрат чини од 12 до 20 евра, а до пред неколку години беше три-четири пати поевтино – вели Мишо Догазански, раководител на одделението за урбанизам во Општина Берово.
Становите одат од 350 до 1.500 евра за квадрат
Разликата во цените е изразена и кај станбениот квадрат, кој според податоците од Стопанската комора на Македонија лани низ целата земја просечно изнесувал 795 евра. Но становите низ земјава реално се продаваат од 350 до 1.500 евра за квадратен метар. Станбениот квадрат моментално е најскап во Скопје каде што цените се движат од 800 евра во периферијата на градот до 1.500 евра во поатрактивните населби. Становите во центарот на Битола се продаваат за 700 до 750 евра за квадрат, а во Берово цената се движи од 350 до 450 евра.